Нова рунда „Жан Моне“ дијалог
Закажана Жан Моне средба меѓу европратенци и македонските парламентарни партии за 31 јануари и 1 февруари во Скопје за подобрување на политичкиот дијалог во земјава. Темата на разговорот повторно ќе биде Собранискиот деловник, кој иако долго се преговара меѓу власта и опозицијата, не успеа да се измени од овој собраниски состав.
Најголем дел од спорните точки во Деловникот се усогласени, особено свикувањето и текот на конститутивната седница, како и законодавната постапка при носење на европските законик. Но, има и спорни точки. За опозицицијата спорен е начинот на избор на генералниот секретар на Собранието, како и усогласувањето со новото име на државата.
Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека имајќи пред вид дека парламентот е пред распуштање, не треба да се брза со измени на Деловникот за кој е потребен 61 глас, но кој постои политичка согласно дека треба да се донесе со општ консензус.
Ова е прв состанок од Жан Моне дијалогот со новиот известувач за Македонија – европратеникот Илхан Ќучук, а се очекува од Брисел да допатуваат уште двајца европратеници за кои, како што велат од Собранието, се чека потврда.
Форматот на средби останува ист - европратениците би требало да имаат средба со лидерите на партиите, а потоа и заеднички разговори со координаторите на пратеничките групи.
Средбата доаѓа само 10тина дена пред истекот на мандатот на овој парламентарен состав и по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Скопје.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
