Македонија
1. February 2026 - 16:46

Нови мерни станици во Струмица

Општина Струмица ќе ја проширува локалната мрежа за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух со шест нови мерни станици.

Јавниот оглас за нивната набавка веќе е распишан, а според спецификацијата, три од станиците ќе бидат самонапојувачки и ќе мерат ПМ 2,5 честички на отворено, додека останатите три, со електрично напојување, ќе мерат ПМ 2,5, ПМ 10, испарливи органски соединенија, температура, влажност и атмосферски притисок и на отворено и во затворено.

Новите станици ќе овозможат следење на загадувањето во реално време и побрза идентификација на жариштата и изворите на загадување.

Во меѓувреме продолжуваат редовните и вонредните инспекциски надзори, при што se откриени и казнети 10 лица со парични казни од 50 и 250 евра за горење отпад на отворено, а од три  се одземени околу 30 килограми бакар.

Паралелно со инспекциските контроли, од Општина Струмица најавуваат и решавање на долгогодишниот проблем со дивите депонии, кои во голема мера придонесуваат за аерозагадувањето, пред сe поради палењето на отпадот.

Во последните неколку години, Струмица се наоѓа на врвот во државата по загаденоста на амбиенталниот воздух. Според направените анализи, главен фактор за загадувањето е согорувањето на биомасата, односно огревното дрво, а веднаш по него следува сообраќајот.