Македонија
19. February 2024 - 16:47

Новиот министер за здравство ден по стапување на функција назначил нови организациски директори на повеќе клиники

Нови организациски директори се назначени на Клиниките за токсикологија, неврологија, ендокринологија, стоматологија и физикална. Веднаш по стапувањето на функцијата новиот министер ги пополнил празните директорски места со партиски кадри, коментираат извори на Сител од Клинички. 

Иако пред Нова година во владината коалиција беше договорено после избори да се укинат директорите и Клинички да го раководи само еден менаџер, во предизборие се делат решенија. 

Од друга страна пак, поради изборите стопирана е постапката за вработување на лицата со договор на дело кои со години работат за минимални примања и без осигурување. Ова лично го соопшти новиот министер на првиот јавен настап.

Претходно на фб страната на министерството беше објавено само дека тетовската клиничка болница има нов медицински директор, зошто Илир Демири стана министер, но за новите организациски директори на повеќе клиники нема никаква информација.

Сител праша во Здравство на кој начин и кога новоназначените организациски директори се ангажирани, но одговор не добивме.

Инаку , сегашните 30 –тина медицински и исто толку економски директори, како и управни одбори во секоја Клиника, граѓаните ги чинат околу 1 милион евра. Речиси сите министри последните 6 години најавуваа дека ќе ги укинат вторите директори, но тоа не се случи, а долговите на клиниките наместо да се намалуваат растат и достигнаа над 100 милиони евра.