Новороденчето со скршеница на раката ќе има гипс 3 до 4 недели
Комисијата за контрола на квалитет од Клиниката за Гинекологија се уште ги разгледува фактите и документацијата за да утврдат дали биле почитувани сите медицински протоколи при третманот на бебето кое доби скршеница на раката при породување. Пред стручните лица ќе бидат и снимките од камерите за да видат како се однесувал персоналот откако семејството реагираше дека не можеле да добијат информација со саати. Во меѓувреме бебето чија рака е во гипс е во добра состојба и мајката веќе го дои на одделот каде е на набљудување.
- Не би очекувале да останат последици. За да се превенира болка, бидејќи при скршеници има болка и фрактурата ќе зарасне и без имобилизација, но во случајот имаше потреба од гипсана имобилизација за да се спречи болка кај новороденчето. Состојбата треба да се следи секоја недела, очекуваме за три до четири недели да биде изваден гипсот и да биде нормална функцијата на раката, вели прим. Д-р Елизабета Петковска, педијатар неонатолог во ГАК
Таткото на бебето јавно во медиуми реагираше дека не им кажува никој ништо, за што од Гинекологија беше објаснето како тоа е според протоколите а бебе не се носи кај мајка на Интензивна каде има пациенти со тешки дијагнози. Но од Клиниката признаваат дека им недостасува и кадар за да имаат подобра комуникација со семејства.
- Секако дека имаме потреба од вработувања, тоа го имаме побарано и се надеваме дека ќе добиеме. Откај нас постојано си одат луѓе поради големиот обем на работа, вели доц. Д-р Викторија Јовановска, директор на ГАК.
Освен Комисијата од Гинекологија, стручен надзор за случајот најави и Министерството за здравство.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
