Македонија
11. March 2023 - 16:38

Објавена фотографија од средба Заев - Гаши: За што разговарале и кој ги сликал?

Фотографијата на која се гледаат Заев и Гаши направена вчера во Струмица повторно ја разбранува политичката сцена во Македонија. 

Независниот пратеник Скендер Реџепи – Зејд, кој е поранешен сопартиец на претседателот на Алтернатива ја сподели фотографијата на социјалните мрежи и постави прашање од еден милион евра?

-Што побара денес Африм Гаши од Зоран Заев, и зошто мораше да оди дури до Струмица? Активистите на Алтернатива, како и пошироката јавност заслужуваат да ја знаат вистината за оваа средба, напиша Реџепи на Фејсбук.

Прв средбата ја потврди генералниот секретар на Алтернатива Зеќирија Ибрахими. Тој за „Слободен печат“ изјавил дека „Средбата била од претходно планирана и во никој случај не била за урување на Владата на Ковачевски. Владата ќе ја оставиме самата да потоне, оти и онака идната пролет ќе падне“.

Подоцна со коментар на Фејсбук излезе и лидерот на Алтернатива.

-Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?, пишува Гаши.

Сител побара коментар и од поранешниот Премиер Заев, но тој не одговори на пораката.

Став денеска не добивме ниту од лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој по завршувањето на партискиот настан во хотел во Скопје, помина покрај камерите и не застана да одговори на новинарските прашања за актуелните случувања во партијата, како и дали има коментар за вчерашната средба Зеав - Гаши.

Во текот на денот независниот пратеник кој меѓу првите ја сподели информацијата за средбата во Струмица се јави со нов статус за актуелните случувања во политиката и го коментираше функционирањето на Алтернатива, неговата поранешна партија.

„Навечер ја обвинуваат власта за предавство и неверување - дење седат во скутот на Заев;

- Денес ја обвинуваат ДУИ за корупција - додека вчера му се заколнаа на лојалност на Али ако не се земе здравството.

- Сабајле ја обвинуваат огнената група за криминал - а попладне одат кај Изет во општината да им се придружат;

- Цело време го обвинуваат ВМРО дека се антиевропејци - додека со часови чекаат средба со Мицкоски“, пишува Реџепи – Зејд. 

Инаку Алтернатива до пред месец дена беше дел од Владата, а на почетокот на минатата година пратениците на Гаши го обезбедија мнозинството и ја спасија коалицијата СДСМ - ДУИ.