Македонија
21. August 2022 - 16:39

Објавил податоци за да побара хуманитарна помош па станал должник на 5 брзи кредити - Кочанчанец жртва на измама

На воен инвалид од конфликтот во 2001-ва од кочанското село Оризари, му ги злоупотребиле личните податоци и сега должи над 130 000 денари за брзи кредити. 47 годишниот Слободан Ангелов лани барал хуманитарна помош од граѓаните за да ја обнови трошната куќа. Податоците од личната карта и трансакциската сметка ги објавил на социјалните мрежи. Но наместо помош, бил известен дека должи пари за 5 брзи кредити кои наводно ги подигнал пред извесен период и дека треба да ги врати со висока камата во рок од една година.

  • Тие ми велат, ќе ти се блокира сметката и ќе ти се одземе куќата, а јас немам толку пари за да ги вратам. - изјави Слободан Ангелов, измамен граѓани од с. Оризари, Штипско.

Измамата ја открил случајно кога отишол во банка за да си подигне кредит, од каде го известиле дека во моментот не е кредитоспособен.

  • Тие ми рекоа дека веќе имам подигнато 5 кредити, со стариот (кредит) 6. Јас ќе паднев во несвест, додаде Ангелов

Случајот веднаш го пријавил во полиција, а во меѓувреме дознал дека не е единствен кој во изминатиот период е измамен.

  • Не сум само јас измамен, има многу, но се плашат и се срамат да излезат на телевизија и да дадат изјава- изјави Ангелов

Со скромните лични месечни примања, Ангелов не може да ги сервисира сопствените, а не пак туѓите долгови и стравува дека може да остане на улица.