Македонија
9. January 2026 - 16:42

Обвинителката Ленче Ристоска бара извинување од премиерот Мицкоски, од Влада велат дека се зачудени

Советот на јавни обвинители ќе ја разгледува претставката на обвинителката Ленче Ристоска против премиерот Мицкоски, па ќе решава дали ќе постапува

Таа вчера реагираше на наводите кои премиерот ги изнесе во интервју каде говорејќи за последните измени на Кривичниот законик, Мицкоски без директно да ја спомене Ристоска, рече дека поранешен припадник на поранешното СЈО бил најгласен противник на измените, нарекувајќи ја медиокритет“.

Првиот човек на Советот на јавни обвинители вели дека го добиле писменото известување од Ристоска, прво ќе го разгледаат па потоа ќе решаваат дали има основ да постапуваат.

Според правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители на кој се повикува Ристоска, ако комисијата и Советот утврдат нарушување направено од носител на јавна функција, заклучокот со препораките ги доставуваат до Владата или Собранието.

Покрај писмено известување до Советот на јавни обвинители, Ристоска писмено му се обратила и на премиерот Мицкоски со барање за јавно извинување и повлекување на спорните наводи, одговор нема добиено.

Не добив извинување од претседателот на Владата. Од Советот очекувам да постапи според своите надлежности и да утврди нарушување на самостојноста во вршење на мојата јавнообвинителска функција, бидејќи нападите доаѓаат од некој кој е законски застапник на политичка партија опфатена со кривични постапки по кои постапувам како јавен обвинител, вели Ристоска за Сител.

Од Владата пак се изненадени како Рисовска се препознала во интервјуто

Премиерот Христијан Мицкоски, во интервјуто не ја спомена Ленче Ристоска со име и презиме. Тој говореше за медиокритети и чудно е како Ленче Ристоска се препозна во тоа интервју, велат од Владата.

Судирот помеѓу премиерот и Ристоска трае подолг период откако Владата минатата година ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур на кој беше и поранешната специјална јавна обвинителка. Во тој период Ристоска секојдневно беше дел и од соопштенијата на владејачката партија каде ја нарекуваа ѕвезда на пропаднатото СЈО“.