Македонија
24. February 2026 - 16:26

Од денеска 6 фирми за производство на канабис останаа без дозволи за работа

Шест фирми за одгледување канабис за медицински цели од денеска останаа без лиценци за работа бидејќи не ги почитувале законските правила. Дел од нив освен пропустите во работењето се поврзуваат и со шверцот на 5 тони марихуана во Србија и за тоа има дополнителни постапки.

Алфафарм, Гринлајф, Лајфплант, Атафарм, Медплант и Канабидоис нема да продолжат со досегашното производство бидејќи со вонредните контроли биле утврдено дека дел немаат доволно човечки капацитети, не работеле камери за надзор и немале обезбедување а дел не пријавувале продажба на сув цвет.

-Несоодветно складирање на сув цвет, при што тој бил затекнат отворен, без соодветно запечатување и без складирање во пропишани картонски кутии. Недоставени известувања до комисијата за извршено производство, берба и купопродажба на сув цвет. Недоставена севкупна документација и договори, поврзани со продажба и трансфер на сувиот цвет. Утврдено несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количества на сув цвет во сеф-соба, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Од вкупно 43 фирми кои имаат дозвола за производство на канабис за медицински цели, вонредни контроли досега биле направени во 13. Иако првата лиценца е издадена уште пред 9 години, досега не биле откривани пропусти во работењето на вакви компании.

-И со сегашниот закон ние сме обврзани да имаме агенција или сектор во МЗ, но тоа не е направено. Ние сме свесни дека со 5 луѓе кои се во Комисијата, свесни сме дека човечките капацитети се лимитирани и затоа можеби не биле постапени и редовни контроли во тие институции, вели Алиу.

Алиу по завршување на вонредните контроли кои ги споведуваат во соработка со МВР, МАЛМЕД и ДСЗИ, најавува нов закон кој според него треба да стави ред во овој сектор и да биде без сиви зони, без привилегирани и заштитени.

Изминатиот период поради сомнежи за незаконско работење, МВР заплени 40 тони марихуана а обвинителството нареди истрага за 6 лица од кои двајца се во притвор. Паралелно истрага за запленети 5 тони марихуана со потекло од Македонија води и српската полиција.