Македонија
22. January 2026 - 16:29

Од денеска извод за родени, (не)венчани и умрени можете да си извадите електронски

Ако ви треба некој документ од Матично, заборавете на шалтерите. Пробните тестирања завршија - од денеска извод за родени, умрени, венчани, невенчани или потврда за слободна брачна состојба може да си извадите онлајн. Досега граѓаните можеа електронски да испратат барање за овие документи, но мораше да ги подигнат исклучиво на шалтер.

„Од денеска тие се целосно мигрирани на Националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење. Услугите се целосно дигитални за разлика од претходно. Ова значи дека потврдите, односно изводот од матична книга на родени, матична книга на венчани, умрени и новата услуга слободна брачна состојба, потврда за слободна брачна состојба од денеска се слободно достапни на порталот. Со неколку клика, граѓаните можат да ги добијат и тие услуги“, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. 

Нови дигитални услуги и во Фондот за здравствено осигурување. Електронски веќе може да се извади потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес, потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа. За правните лица овозможена е електронската услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување. 

Во 2024 година на Порталот за е-услуги имало 120 илјади корисници, а денеска 240 илјади. Бројот на услуги е зголемен за 120 проценти. И покрај напредокот во дигитализацијата се уште има институции кои работат само со хартија, а постојат и такви кои се уште работат во комбиниран формат како УЈП, Царина, Катастар.