Од денеска стапува на сила одлуката на Трамп за двојно зголемување на царините за индискиот извоз
Од денеска стапува на сила одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, за двојно зголемување на царините за индискиот извоз до 50 проценти, објавија британските медиуми.
Новата казнена царина од дополнителни 25 проценти е воведена како одговор на купувањето руска нафта од страна на Индија, покрај претходната царина од 25 проценти.
Најпогодени категории на производи се текстилот, скапоцените камења, накит, обувки, спортска опрема, мебел и хемикалии – при што вкупните царини се меѓу највисоките во трговската политика на САД, споредливи со оние за Бразил и Кина.
Одлуката беше донесена по пет неуспешни рунди преговори.
Индиското Министерство за трговија, повикувајќи се на анонимни извори, објави финансиска поддршка за ранливите извозници и стимулации за проширување на пазарите како што се Кина, Латинска Америка и Блискиот Исток.
Особено изложени на ризик од новите царини се производителите од Гуџарат, матичната држава на индискиот премиер Нарендра Моди.
Привременото ослободување од царини се однесува на стоки кои веќе се испратени во САД пред крајниот рок – до полноќ на 17 септември.
Одредени сектори, исто така, се ослободени, вклучувајќи челик, алуминиум, патнички возила и бакар, кои подлежат на други одредби за национална безбедност.
Според податоците на САД, вкупната трговија на двете земји во 2024 година достигна 129 милијарди долари, а трговскиот дефицит на САД изнесува 45,8 милијарди долари.
Извозниците проценуваат дека зголемените царини би можеле да достигнат 55 проценти од извозот на Индија во САД од 87 милијарди долари, отворајќи ја вратата за конкуренција од Виетнам, Бангладеш и Кина.
И покрај трговската криза, САД и Индија вчера го потврдија продолжувањето на стратешката соработка.
Стејт департментот и Министерството за надворешни работи на Индија објавија дека високи претставници одржале виртуелен состанок и ја изразиле својата посветеност на зајакнување на билатералните односи и партнерството во рамките на Четворката – безбедносниот сојуз на САД, Индија, Австралија и Јапонија.
Ново на Сител
-
РФМ: Горди сме што Македонија е домаќин на првото издание на Ракометен регионален турнир
-
Пет војни за кои експертите велат дека би можеле да избувнат во следните пет години
-
Почнува Европското првенство во кошарка 2025
-
СВР - Велес со детали за убиството во Кавадарци
-
Задржани четири лица во врска со убиството во Кавадарци
-
Од денеска стапува на сила одлуката на Трамп за двојно зголемување на царините за индискиот извоз
-
Трамп: Ќе воведам економски санкции кон Русија доколку Путин не се согласи на прекин на огнот
-
Муцунски за „Политико“: Нема уставни измени, ако не добиеме цврсти гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последното барање од Софија