Македонија
19. August 2016 - 16:42

Од денеска започнува авансната исплата за семејствата од поплавените места

 Два и пол милиони евра одвои владата на синоќешната седница за авансната исплата на семејствата кои беа оштетени во поплавите. Од денеска ќе започне исплатата на 30.000 денари по семејство. Иако првично биле планирани милион и пол, сепак синоќа министрите донеле одлука да ги зголемат средствата за авансно плаќање за уште еден милион евра. Премиерот Димитриев потврди дека денеска парите ќе легнат на сметките на околу две илјади семејства кај кои проценката е веќе завршена, а останатите две илјади ќе ги добијат парите во идните неколку дена.

- Досега од посетените околу три ипол до четири илјади семејства, обработени се податоците за околу 1.950 семејства така што исплатата на авансот за овие семејства очекувам да започне уште во текот на денешниот ден. Сукцесивно како ќе бидат проценувани и обработувани податоците, очекувам до вторник да бидат исплатени авансно сите семејства со по 30 илјади денари, рече премиерот Димитриев.

Владата донела одлука да се достави и предлог ребаланс на буџетот со цел искористување на две милијарди денари, средства со кои се планира целосна исплата на оштетените семејства. Постапката Димитриев очекува да биде завршена во најкус можен рок.

- Се работи за ангажирање на средства коишто сега ни се на располагање, а кои понатаму ќе ги надоместиме со средства од меѓународни институции под многу поволни услови, рече премиерот Димитриев.

Во невремето кое на 6 август го зафати Скопје, голем број на жители во најпогодените подрачја останаа без својата покуќнина, а некој и без кров над главата. Владата една недела по невремето усвои осум пакте мерки за помош, меѓу кои беше и сто процентно обештетување, бесполатно здравство до крајот на годината, зголемување на социјалната помош помош и додатоците за ранливите категории. Дополнителни средства ќе добијат и семејствата кои имаат ученици, а сите ќе бидат ослободени од плаќањето на комунална такса и сметска за вода во утврдениот рок. Мерките предвидуваа помош и за земјоделците во погодените подрачја како и за лицџата кои ги немаат легализирано своите домови.