Од Маџари до центарот на Скопје за пет минути: тест-турата ја покажа предноста на градскиот воз

За речиси пет минути со воз од Маџари до центарот на Скопје, наспроти многу подолго патување со автобус на истата релација, медиумите денеска направија практична споредбена тура низ главниот град во рамките на конференцијата Traffic for All - Skopje, организирана од „Го грин“.
Турата почна со градски автобус на релација Карпош 4 - Маџари по трасата предвидена за идниот брз автобуски превоз (БРТ) по што учесниците се префрлија на воз од Маџари до Железничката станица - Скопје. Возот ја помина делницата за речиси пет минути, а автобусот сè уште беше на пат.
Настанот имаше цел да го прикаже потенцијалот на јавниот превоз, особено преку БРТ-системот и развојот на градскиот воз како решенија за побрза и поефикасна урбана мобилност.
Експертот за урбана одржлива мобилност од „Го грин“, Дарко Арсовски-Петровски, истакна дека активноста е дел од регионалната конференција Traffic for All, која годинава првпат се одржува во земјата.
- Денеска сме на Железничката станица - Скопје како дел од третата по ред конференција Traffic for All, која првпат се одржува во Македонија. Имавме можност да патуваме со ЈСП по трасата на БРТ, кој треба да се развива, а со градскиот воз стигнавме од Маџари до Скопје за експресно време од пет минути - појасни Арсовски-Петровски.
Тој додаде дека ваквите споредбени патувања ја демонстрираат предноста на железничкиот превоз во однос на патниот, особено во услови на зголемен сообраќаен метеж.
Според „Го грин“, воведувањето на БРТ-системот и унапредувањето на железничкиот превоз би придонеле за задржување на патниците во јавниот транспорт и намалување на урбаниот сообраќаен притисок, кој во последните години се зголемува поради пад на квалитетот на автобускиот превоз.
- Проектот „Градски воз“ е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за унапредување на јавниот превоз во Скопскиот Регион, со цел подобро поврзување на градскиот и приградскиот сообраќај и враќање на граѓаните кон користење на железницата - истакна директорката за пруги во Јавното претпријатие за железничка инфраструктура - Скопје, Ивана Бикоска.
Таа посочи дека проектот опфаќа три делници, при што најнапредната е првата фаза од Зелениково до Скопје, која опфаќа повеќе станици, меѓу кои Јане Сандански, Драчево и Лисиче, со крајна дестинација Скопје.
- Градежните активности за првата фаза се во завршна фаза и досега се реализирани 90,88 проценти. Во тек е работа на горниот строј, односно замена на дрвените прагови со бетонски, како и селективна замена на дотраените елементи во согласност со теренските услови - изјави Бикоска.
Во однос на преостанатите две делници, од Волково преку Ѓорче Петров, Скопје Север до центарот, како и од Миладиновци преку Илинден и Маџари до Скопје, таа информира дека е објавена постапка за избор на проектант за подготовка на техничката документација.
Бикоска нагласи дека рокот за пуштање во употреба на градскиот воз, за првата фаза, останува 1 септември, но дека реализацијата е условена и од обезбедувањето на соодветен возен парк, што е во надлежност на транспортните институции.
Покрај проектот за градски воз, таа информира дека во изминатиот период е спроведена набавка за екстерно чистење на Железничката станица - Скопје, со што е подобрен нејзиниот изглед, а во соработка со Архитектонскиот факултет се работи на решенија за нејзино понатамошно унапредување.
Според директорот за патнички сообраќај, Горанчо Јовановски, возот како јавен превоз има значително поголем капацитет и пократко време на патување во споредба со автобусите, кои по возен ред возат приближно 65 минути.
- Автобусите по возен ред возат 65 минути, а нивниот капацитет е четирипати помал од капацитетот што го имаме ние со железничкиот превоз - изјави Јовановски.
Тој информира дека се обезбедени возни средства за самиот почеток на градскиот воз, планиран за 1 септември, а паралелно се водат постапки и преговори за набавка на нови возови.
- Во моментот имаме обезбедено возни средства за да тргнеме од први септември. Во меѓувреме сме во постапка и преговори за обезбедување нови возни средства, кои се очекува да пристигнат во текот на наредната година во зависност од динамиката на тендерските постапки - посочи Јовановски.
Во почетната фаза, како што наведе, бројот на возови ќе биде ограничен и ќе зависи од периодот на денот.
- Од први септември, во утринските часови, ќе има два воза, а во преостанатиот дел од денот ќе сообраќа по еден воз сè додека не се комплетира возниот парк - рече Јовановски.
Во однос на цената на билетот, Јовановски посочи дека сè уште не е дефинирана и дека цената ќе се утврди во координација со Град Скопје и Министерството за транспорт.
Жители на општина Аеродром изразија загриженост дека предвидената траса на брзиот автобуски превоз (БРТ) во Ново Лисиче може да зафати дел од постојниот парк, при што предлагаат алтернативно решение, кое би го зачувало зеленилото.
Димитар Самарџиев, жител на Ново Лисиче, посочи дека според актуелните планови, на просторот на паркот познат како „Рајска градина“ е предвидена изградба на последна постојка, депо и сервисен центар за БРТ.
- Се наоѓаме во паркот во Ново Лисиче, каде што е предвидено да бидат последната постојка, депото и сервисниот центар за БРТ. Тоа подразбира значителен простор, од 4,8 до 7 хектари, на кој треба да се паркираат возилата - изјави Самарџиев.
Нагласи дека паркот веќе подолго време се користи од граѓаните за рекреација, прошетки и социјални активности и претставува важна зелена површина во Скопје.
- Овој парк веќе десетина години е активно користен од граѓаните - за прошетки, џогинг, детски активности. Ова е една од најголемите парковски површини во градот - истакна Самарџиев.
Иако ја поддржува идејата за воведување на БРТ, тој посочи дека постојат решенија со кои би можело да се избегне уништување на паркот.
- Го поздравуваме проектот за БРТ, сакаме подобар јавен превоз, но постои и решение со кое ќе се зачува паркот. Од спротивната страна на улицата има државно земјиште со површина над седум хектари, што е доволно за изградба на постојката и депото - додаде Самарџиев.
Тој упати апел до градските власти да го разгледаат овој предлог, со оглед дека сè уште е во тек подготовката на генералниот урбанистички план.
МИА
Ново на Сител
-

Не запира уништувањето на рибниот фонд
-

Жетвата на пченицата започна, откупната цена непозната
-

Од еко сапуни до соларни прочистувачи, средношколците нудат реални решенија за климатските промени
-

Рекордна заработка очекува ФИФА од Светското првенство
-

Нов пожар кај Штип, спасен човечки живот
-

Тема на денот со Ивон Величковски, претседател на Нова Република
-

Нов пожар во Штип
-

Мицкоски по средбата во Софија: Бугарија нема нови барања, тоа се истите од 2022 година
