Македонија
28. July 2026 - 16:25

Од почетокот на енергетската криза бензините поскапеа за 18.5, а дизелот за 27.5 денари

Премиерот Мицкоски очекува следната недела да има поголемо намалување на цените на бензините и дизелот, откако суровата нафта на светските пазари падна на околу 86 долари за барел. Тој најави дека во понеделник Владата ќе направи нова анализа на цените, по што ќе се знае дали ќе има дополнително кратење на акцизите или намалување на ДДВ-то за нафтените деривати.

„Знаете дека на секои две недели се анализираат акцизите. Сега завршува втората половина од месецот и веќе во понеделник ќе направиме просек за тој период. Врз основа на тие параметри ќе се делува врз цената на нафтените деривати. Добро е што веќе два дена по ред цената паѓа. Она што е важно е дека ова е берзански производ и сите држави купуваат од ист пазар. Ние, како држава, имаме убедливо најниска цена на дизелот и безоловниот бензин во регионот, па и меѓу најниските во Европа“, изјави Мицкоски.

Од денеска бензините се продаваат за 3 денари повеќе, а дизелот за 4 и пол денари. 

Споредбата со цените од почетокот на март, покажува дека за неполни пет месеци бензините поскапеле за 18,5 денари по литар, додека дизелот е поскап за 27,5 денари. 

Така, од самиот старт на енергетската криза до денеска, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемила од 74,5 на 93 денари, 98-октанскиот бензин од 76,5 на 95 денари, а дизелот од 71 на 98,5 денари за литар.

Претседателот на Регулаторната комисија, Ристов, вчера посочи дека главната причина за високите цени не е недостигот на сурова нафта, туку намаленото производство на нафтени деривати поради нарушената работа на дел од рафинериите, оштетени во воените конфликти меѓу Русија и Украина и на Блискиот Исток. Според него, додека трае таквата состојба на пазарот, може да се очекуваат релативно високи цени на горивата.