Македонија
30. March 2021 - 16:59

Од утре вакцинација за лицата над 77 години, од понеделник полиција, воспитувачки, медиуми и други стратешки професии

За еден ден 6000 лица постари од 77 години преку матичните лекари биле пријавени за вакцината АстраЗенека. Имунизацијата на граѓаните почнува утре во постоечките пунктови во Здравствените домови во целата држава. Тимовите ќе работат од 8 до 20 часот од понделеник до петок. Во Скопје процесот ќе се спроведува во 3 поликлиники. Од вкупно 24.000 во главниот град биле распределени околу 7000 дози.

-Се работи за вакцината АстраЗенека. Од една вијала ќе се вадат 10 дози. Околу 3800 граѓани ќе бидат вакцинирани во поликлиниката Букурешт, 3000 во поликлиниката Јане Сандански и 900-10000 во Чаир, изјави д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје..

Освен постарите од 77 години со АстраЗенека од понеделник ќе се вакцинираат и 4000 лица вработени во критичната инфраструктура.

-Вработени во МВР кои се најизложени на ризик, а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините, соопштија од министерството за здравство.

Според информации на Сител вработените во критичната инфраструктура ќе бидат вакцинирани во салата Борис Трајковски.