Одбраната на Васев ги оспорува вештачењето и лиценцата на вештакот од Словенија

Вештите лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје одговараа на вкрстени прашања на одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.
Вештачењето на медицинската документација за лекувањето на вкупно 51 пациент за Обвинителството го имаат изработено вештакот Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, заедно со асистентката Јасмина Јордан, од истиот факултет.
На прашање од адвокатот Боби Спирковски, бранител на Нино Васев, дали и од кога докторката Маја Равник има валидна лиценца за вештак во Словенија, таа рече дека била именувана за вештак со одлука на Комисијата за судаки вештачења при Медицинскиот факултет во Марибор, што правно гледано е еднакво како и кога би била овластен судски вештак, што, како што рече, не е, нагласувајќи дека за тоа била информирана Северна Македонија.
- За толку сложен и тежок предмет не сум соработувала, како што можам да кажам, ниеден мој соработник. Сум имала вештачења и сум давала мислења исклучиво во Словенија - изјави Равник.
На прашање од одбраната зошто во вештачењето не дава податок кој доктор, кога и со кој документ ја препишал конкретната терапија, со оглед дека врз основа на тоа треба лицето што направило пропуст да биде осудено, Равник рече дека во своето вештачење „според моја добра совест можев да дадам мислење дали лекувањето било во согласност со добрата клиничка пракса“.
- Точно е дека во наодите не гледав кој е потпишан, иако сега по сеќавање можам да тврдам дека во документацијата на ист ден беа забележани податоци од разни доктори. Ако е тоа важно, можам да го дополнам - појасни сведокот.
На прашање врз основа на што тврди дека терапијата мора да биде во согласност со европската пракса, сведокот рече дека во добрата онколошка пракса протоколите се важни за добро лекување на пациентите.
- Во протоколите е унифицирано како онколозите да пристапат кон лекувањето. Во протоколите се сите пракси во кои со студии е докажано дека е ефикасно и безбедно кај одредени онколошки пациенти. Тоа се правила на лекување, кои важат за сите онколози во светот и Европа и своето мислење го дадов врз основа на тие правила - изјави сведокот.
За тоа дали се запознала со протоколите во Македонија, Равник рече дека не се согласува со мислењето дека европските протоколи важат само за ЕУ бидејќи се исти како и протоколите и насоките на ниво на цел свет.
- Дозволувам минимални разлики при државните протоколи, кои може да се однесуваат на националните пракси, но стручно не смее да ја заобиколат со докази поткрепената медицина. Затоа тврдам дека земајќи ги предвид меѓународните протоколи, праксата не би смеела да отстапува од тие правила - изјави сведокот.
За тоа дали пред да го изготви вештачењето им бил доставен протоколот за лекување од Министерството за здравство на Македонија, сведокот рече дека не ги добила националните протоколи.
- Но, како што кажав, националните протоколи секогаш се во согласност со европските и светските протоколи. Затоа наводите што ги дадов за неиндицирано лекување, тоа е неиндицирано лекување како во Македонија, така и во Словенија и која било држава, се темелат на докази и докажани разни медицински студии, што значи со докази поткрепена медицина - изјави сведокот.
На прашање од одбраната дали ЕСМО-насоките се задолжителни или едукативни, Равник рече дека се задолжителни, а истовремено и едукативни.
- Во Словенија е исто. Најпрвин што мора да провериме се националните насоки, кои секогаш се во согласност со европските, односно светските протоколи. Уште еднаш потенцирам дека и националните протоколи мора да се темелат на медицина базирана на докази - изјави сведокот.
Во однос на околностите дека протоколите се живи и се менуваат на половина до една година и дали во вештачењето се воделе од протоколите во 2025, а се однесуваат на лекување пациенти во 2018 година, таа посочи на кои протоколи се повикувала и кога биле ажурирани се гледа од секој запис, нагласувајќи дека ги зела предвид актуелните во времето на издавање на вештачењето.
- Насоките не се менуваат така како што сега се разбира. Не значи дека во онкологијата на половина или една година сосема се менува пристапот кон лекување на пациентите болни од карцином, туку се дополнуваат во одредени сегменти и каква и да била промената, точно е објаснето, што значи во протоколите не се негира одредено со докази поткрепено лекување, туку го дополнува со дополнителни докази. Затоа е точно тоа што беше кажано дека се живи протоколи - изјави сведокот.
Прашана за дискреционото право на лекарите што лекуваат да поставуваат дијагноза, сведокот рече дека онкологот што го лекува пациентот секако најдобро го познава тој пациент и може да знае дали одреден лек ќе има ефект, но ако е надвор од протоколите, тоа мора да биде јасно наведено и поткрпено со конзилијарно мислење. Одлуката на конзилиумот, како што нагласи сведокот, е обврзувачка за онкологот.
-Директната одговорност за лекувањето ја презема оној што го препишува лекот, но одлуката на конзилиум не е таква што се заобиколува. Ако се советува одредени лекување, на онкологот останува на кој начи и доза тоа ќе биде направено, односно ако пациентот го одбие, тоа му се објаснува и заедно одлучува. Сепак, мислењето на конзилиумот е таа рамка во која се движи, изјави сведокот.
Во однос на стручноста, Равник на почетокот нагласи дека во текот на 2011 го положила европскиот испит за интернистичка онкологија, во 2012 положила специјалистички испит од интернистичка онкологија и од тогаш работи на Клиничкиот центар Марибор како прв онколог, а од 2016, кога е формиран одделот, е началник на одделот. Од 2022 година е национален координатор за специјализација во Словенија.
Одбраната на Нино Васев, на почетокот на неделата до Судот достави вешт наод и мислење од вештото лице Владимир Даниловски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска. За сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта неделава.
Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози - Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија - Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.
МИА
Ново на Сител
-

Стабилизација и годишна инфлација под 3% очекува премиерот
-

Бислимоски поднесе оставка
-

По најавите на Касами за смена на министри, Мицкоски му врати дека тој одучува кој ќе остане во Владата
-

Во Белград приведен Саитов, кој во Капиштец прегази жена и избега од државата
-

Мицкоски: Останаа уште неколку битанги кои ќе се најдат зад решетки
-

Одбраната на Васев го негира вештачењето на словенечкиот онколог
-

На Клинички ќе има четири вида на плаќање, а цените ќе ги одредува советот на Град Скопје
-

ССМ на блокада пред Стопанската комора
