Македонија
28. July 2026 - 16:25

Мицкоски за истрагата за унгарскиот заем од Маѓар: Коментарите се дека кредитот бил многу поволен за нас

Коментарите во унгарските медиуми за истрагата на милијардата евра што Македонија ја позајми од Унгарија само покажуваат дека македонската влада склучила поволен кредит за нас, вели премиерот Мицкоски по објавата дека новиот унгарски премиер Маѓар ќе го преиспитува заемот. Премиерот вели дека со тоа паѓаат во вода сите претходни обвинувања на македонската опозиција дека кредитот бил неповолен и дека премногу ги задолжува идните генерации.

Според Мицкоски, унгарската милијарда евра, од кои половина беа искористени за враќање на еврообврзница, 250 милиони за општински проекти и 250 милиони евра за стопанството, придонела да се зголеми БДП, како и растот на економијата.

ОД СДСМ пак, го спорат и новиот заем, што владата го направи од Македонска навигација, но и од Лотарија, МЕПСО и самото јавно претпријатие за државни патишта, поради враќање на долг кон кинеските кредитори поврзани со автопатите.

„При редовната ревизија од Еуроконтрол, овој одлив од 7.000.000 евра ќе биде квалификуван како неприфатлив трошок, бидејќи не е направен за целите дефинирани во Мултилатералната спогодба.
Како резултат, Еуроконтрол ќе изврши финансиска корекција на одобрената тарифа.

Буџетот на М-НАВ ќе биде намален за износот на неправилно потрошените средства.

Толку за „нормално“, коментираа денеска од СДСМ.

Маѓар пред неколку дена објави дека ќе го истражува заемот што претходната влада ѝ го додели на Македонија преку државната банка „Ексимбанк“. Маѓар изјави дека заемот бил даден под многу поволни услови за Македонија, со каматна стапка од само 3,25 проценти и со целосен ризик обезбеден со 100-процентна владина гаранција, што е поповолно и од кредитите што ги зела Унгарија за нејзини проекти.