Македонија
20. February 2025 - 12:20

Одложен тендерот за центарот за управување со отпад кај с. Мечкуевци

Меѓународниот тендер за избор на градежна компанија која ќе го гради  Центарот за управување со отпад за источниот и североисточниот регион е одложен поради технички причини. Во моментот нема информации колкав рок им е даден на компаниите да аплицираат повторно. Со ова се пролонгира и одлагањето на цврстиот отпад на депонијата во Кочани, од општините Виница, Зрновци и Чешиново- Облешево, каде постојните депонии се затворени.

-Ние трите општини се задолжуваме да плаќаме месечен надоместок во висина од 220 денари по кубик собран и депониран отпад на територијата на Кочани. Од страна на ЈП„Водовод„-Кочани и поддршка на МЖС, веќе се обезбедени средства и е ангажиран економски оператор. На дневна основа се уредува целата таа површина, а проблемите кои беа до пред некој месец се надминати, изјави Борчо Коцев, претседател на ИПР и градоначалник на Зрновци.

Изградбата на регионалната депонија значи и трајно решавање на проблемите со дивите депонии.

-Ова е завршна фаза од имплементацијата на европскиот проект и сите ние во наредниот период што следи треба да покажеме сериозност и навремено решавање на оние обврски на секоја општина поединечно. Крајна цел е оставање на животна средина за идните генерации, додаде Коцев.

По завршувањето на целата постапка, фабриката за преработка и третман на отпадот треба да биде ставена во функција за две и пол години.