Одложено судењето за измами во ИПАРД програмата
Влошена здравствена состојба на обвинет го одложи денешното судење за неправилностите во распределбата на европски пари преку Ипард програмата.. Затворот во Шутка, утринава го информирал судот дека е повикана итна помош за обвинетиот Фејзула Фејзула, а лекарите утврдиле дека тој не може да го следи денешното судење. Во судницата пак требаше да се слушаат телефонски разговори меѓу обвинетите како се договарало да се заобиколат критериумите за ИПАРД за да може обвинетиот Џевдет Насуфи да добие европски пари.
Транскриптите опфаќаат телефонски разговори во траење од шест месеци обезбедени со посебни истражни мерки. Транскриптите од овие разговори во судницата беа донесени во 12 кластери со количка на тркала.
Одбрната пак тврди дека обвинителството нема случај - европската комисија веќе информирала дека не се злоупотребени средства, па според адвокатите, најдобро било јавното обвинителство да го затвори случајот.
За случајот им се суди на осуммина обвинети. Меѓу нив и поранешниот директор на платежната агенција, Илија Стоилев. Според обвинителството, тие зеле поткуп од 50 илјади евра за да овозможат на обвинетиот Насуфи да ги заобиколи критериумите и да добие финансиска поддршка од ИПАРД програмата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
