Македонија
30. January 2026 - 12:15

Околу 80 талентирани ученици од Струмица ќе бидат стипендирани во наредните девет месеци

Околу 80 талентирани основци и средношколци од Струмица во наредните девет месеци ќе добиваат месечна стипендија во износ од 2.000 и 2.500 денари.

Станува збор за стипендии обезбедени од Општина Струмица и Фондацијата Нова Генерација, за кои беше распишан јавен повик, а се наменети за ученици кои во текот на претходната учебна година имаат освоено прва, втора или трета награда на меѓународен или натпревар во државата или општината.

Градоначалникот на Општина Струмица Петар Јанков, вели дека со оваа мерка сакаат ги поддржат и мотивираат талентираните ученици, со цел унапредување на нивниот образовен и личен развој.

Од вкупниот број стипендии, 23 се обезбедени од Фондацијата Нова Генерација, од каде што истакнуваат дека тие претставуваат признание за вложениот труд, но и мотивација дека успехот и посветената работа секогаш се препознаваат и наградуваат.

Од Општина Струмица информираат дека поддршката на младите ќе продолжи и во иднина, со најава дека е можно зголемување на бројот на стипендисти или зголемување на месечниот износ на стипендиите. Целта, како што посочуваат, е што поголем број млади луѓе да бидат опфатени со оваа мерка, но и дополнително мотивирани да продолжат со упорната работа и постигнувањето добри резултати.