„Онкологија 2“: Планот за набавка на биолошка терапија не го носел стручен колегиум, недостигале и протоколи и упатства за биолошката терапија

Слабости и неусогласености со законските прописи утврдила ревизијата на Клиниката за Онкологија, изјави на денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“ претставник од Државниот завод за ревизија, кој детално објасни како и зошто била извршена ревизијата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) за 2021 година.
- Ревизија се изврши согласно редовна годишна програма од ДЗР за 2021 година, донесена по редовна постапка на крајот на 2021 во декември месец - изјави претставникот, нагласувајќи дека извештајот се однесува на финансиските извештаи за таа година и дека во него се наведени неусогласености со законот и слабости во користењето на средствата.
Тој појасни дека ревизорската методологија бара секоја констатирана состојба спротивна на конкретна законска основа да биде наведена.
- Кога велиме слабости во нашиот ревизорски извештај тоа е ревизорска терминологија, меѓутоа самата состојба укажува на постапување кое е спротивно на одредена законска обврска - појасни тој.
Во делот за пописот на средствата, сведокот посочи дека ревизорите утврдиле недоследности.
- Со пописот не е утврдена состојбата и не се поблиску опишани дел од средствата со кои располага Клиниката, како градежни објекти, нематеријални средства, патнички автомобили и материјални средства во подготовка. Во дел од пописните листи не се наведени вредносни показатели и не е извршено вредносно усогласување на податоците од спроведениот физички попис со податоците од сметководствена евиденција. Во извештајот од спроведениот попис не е наведена состојбата од постојаните средства и состојбата на залиха на лекови, реагенси и медицински потрошен материјал-рече тој.
Претставникот на ДЗР заклучи дека ваквата состојба имала директно влијание врз веродостојноста на финансиските извештаи на клиниката. Дополнително, тој посочи дека планот за набавка на биолошка терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку се базирал единствено на историски податоци за потрошени количини на лекови, што создава ризик од селективно определување на терапијата без стручна анализа.
Претставникот се осврна и на разликите во евиденцијата за лекови.
- Во сметководствената евиденција постои разлика помеѓу месечни податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на клиниката. Неусогласеноста е резултат на тоа што дел од т.н. биолошка терапија е набавена на реверс, пред склучување на договор за јавна набавка и во моментот на прием и издавање на истата не е внесена цена во материјалната евиденција на клиниката-рече тој.
Во продолжение сведокот повтори дека планот за набавка на биолошка терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку бил изготвен врз основа на историски податоци за потрошени количини на лекови.
- Во текот на 2021 година, докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали клиниката располага со доволно количини лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата-посочи сведокот.
Оваа состојба, како што појасни, создава ризик од субјективно и селективно определување на лекови за кои се одобрува условниот буџет кое не е поткрепено со стручна анализа и предлози.
- Во клиниката не биле донесени медицински протоколи, упатства или насоки со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми кои треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија-нагласи тој.
Сведокот заклучи дека ваквите практики создаваат ризик биолошката терапија да не биде еднакво достапна за сите пациенти, што е спротивно на законските одредби.
Според извештајот, тој сподели дека во 2021 набавувана била биолошка терапија во период кога постапката за таква набавка, како што рече, сѐ уште не била спроведена од Министерството за здравство.
- Имајќи предвид дека за поголемиот дел од биолошката терапија само еден економски оператор има ексклузивно право за нивна продажба, истата е набавува на реверс, фактурите се изготвени од клиниката по склучување на јавната набавка. Не навлегувајќи во потребата од континуирано и навремено обезбедување на биолошка терапија, констатираме дека воспоставениот начин на набавка влијае на почитување на начелото на конкуренција-рече тој.
Судењето продолжува со вкрстени прашања од одбраната.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
МИА
Ново на Сител
-

Четиригодишно дете прегазено во Драчево
-

Дански скијач извлечен од лавина на Попова Шапка
-

ССМ ќе чека до крајот на февруари договор за зголемување на платите, во март најавува генерален штрајк и протест
-

Од 30 до 200 елени во Галичица благодарение на Репродуктивниот центар
-

Позајмил автомобил од својот братучед, па го продал на друго лице – кривична пријава за 40-годишен гостиварец
-

Воена вежба на македонската и белгиската армија утре кај Радожда
-

„Онкологија 2“: Планот за набавка на биолошка терапија не го носел стручен колегиум, недостигале и протоколи и упатства за биолошката терапија
-

„Сејф Сити“: Одземени 90 возила за две недели
