Македонија
24. July 2018 - 16:27

Општина Прилеп го заборави Методија Андонов Ченто

По реакциите во јавноста и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и дел од здруженијата на граѓани дека Општина Прилеп денеска заборави да одбележи 61 година од смртта на Методија Андонов Ченто, доцна попладнево делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, положи свежо цвеќе пред неговиот споменик кој се наоѓа веднаш пред зградата на локалната самоуправа. За овој настан не беа известени медиумите.

Претходно пред споменикот почит оддадоа од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и членови на М.П.З. „Пере Тошев“. Утринава цвеќе положила и ќерка на Ченто, Марија Јакимоска, која револтирана не сакаше да даде изјава пред камерите.

Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека тие секогаш ќе ги бранеле македонските националнии интереси.

„Да направиме се Македонија да ги оствари своите национални интереси, да стане членка на ЕУ и НАТО, но да влезе во овие заедници како полноправна членка, почитувана, но не никако обезличена и обезимена“, истакна Петар Ристески, претседател на О.К. ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Од М.П.З. „Пере Тошев“ чиј претседател беше Јане Ченто, правнукот на Методија Андонов Ченто, а кој сега е во притвор, осомничен за настаните на 27 април изјавија дека власта намерно го држела во затворски притвор иако внатрешната контрола во МВР потврдила дека тој претходно не ги прекршил правилата на домашниот притвор и никогаш не го напуштил домот.

„Се држат во притвор со единствена цел тие луѓе да останат во притвор, бидејќи тие се луѓе кои можат да соберат маса на народ. Почнувајќи од Јане Ченто, Горан Ангелов, Игор Југ и сите останати што се во притвор моментално, се држат таму за да помине глатко ова спроведување на капитулантскиот договор, за промена на името, за промена на нацијата“, рече Горан Стојаноски, член на М.П.З. „Пере Тошев“.

Првиот претседател на слободна Македонија умира на 24 јули 1957 година, во својот дом во Прилеп, од рак на желудникот, откако претходно бил осуден на 11 година затвор поради тоа што се залагал за поголема самостојност и обединување на Македонија.