Македонија
16. јуни 2021 - 16:37

Општината Центар поднела неосновани барања за суспендирање на планот кај Холидеј Ин

Општина Центар поднела елаборати за суспензија на детални урбанистички планови но без да укаже на евентуални штети од јавен интерес. Сите 11 елаборати кои опфаќаат 22 плански опфати, општината ги направила по погрешен член од законот. Комисијата при министерството за транспорт составена од 5 членови посочи дека од Општината целосно ја утнале темата. Наместо да побараат суспензија на делови од планот каде сметале дека има прекршувања тие побарале за цел план.

За случајот со висококатниците кои се планираат на паркингот кај Холидеј Ин за што се крена најмногу прашина во јавноста, од општината воопшто не посочиле дали таму би се предизвикала некаква штета по животната средина, инфраструктурата или било кој друг аспект. Дополнително од комисијата посочуваат дека кога веќе ќе се издаде одобрение за градба каков што е случајот со една од парцелите кај Холидеј ин, тогаш планот не може да се суспендира. На овој паркинг е предвидено да се градат три станбено деловни згради  од 16 до 22 ката а за едната од нив веќе се платени комуналии од речиси 2 ипол милиони евра.

Од комисијата потенцираат дека Општина Центар од 2012 година до сега ниту еднаш не направила ажурирање на плановите за да види дали и како се реализираат и на тој начин дозволиле да се реализира планот. Од доставените елаборати единствено посочиле дека за две локации има основ за суспензија а тоа е местото пред Црквата Пресвета Богородица бидејќи парцелата навлегува во коритото на реката Вардар и втората е за планот кој предвидува деловен објект кај паркингот пред министерство за одбрана за што со регулациски план на Град скопје се менува во парк.