Македонија
29. December 2021 - 16:36

Општините бараат поддршка од владата за да ги плаќаат сметките за струја

Од 1-ви јануари, општините и јавните претпријатија електрична енергија ќе набавуваат на слободен пазар. Според првичните проекции, од следниот месец сметките за струја ќе бидат повисоки за 3 до 4 пати, што значи дека ќе биде доведена во прашање ликвидноста на претпријатијата и реализацијата на тековните проекти. 

-Општините имаат реален проблем со цената на електричната енергија и предлогот е да се достави барање до Владата за да може да интервенира, за да практично се замрзне цената на електричната енергија, односно покачувањето да биде субвенционирано и покриено со државна интервенција, за да се овозможи општините и јавните претпријатија да останат ликвидни. Доколку тоа не се случи, да бидам искрен, ќе се соочиме со реален проблем и со функционирање на институциите под локална самоуправа - изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

ЈП Исар во моментот плаќа 5 милиони денари за електрична енергија. Фактурата за јануари би била 20 милиони денари, што е финансиски неодржливо. За да ги покријат тековните трошоци, претпријатијата ќе бидат принудени да ја зголемат цената на услугата, што на крај ќе ја платат крајните корисници, односно граѓаните. Освен претпријатијата, финансиски удар од покачувањето на цената на струјата ќе почувствуваат и останатите локални институции.