Свет
22. September 2025 - 19:06

Орбан: Ако Украина влезе во ЕУ, и војната ќе дојде со неа

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан, отворајќи ја есенската седница на законодавниот дом за 2025 година, упати силно предупредување за последиците од потенцијалното пристапување на Украина кон Европската Унија, тврдејќи дека таков чекор би ја донел војната директно во блокот.

– Ако ЕУ ја прими Украина и сака да ја брани нејзината територија, ние ќе бидеме до гуша во војна, рече тој.

Орбан ја повтори долгогодишната позиција на Унгарија дека не овластила никого да се вклучи во војна во нејзино име. – Унгарија е членка на Европската Унија, не е во војна со никого, па не може да биде ни ЕУ. Земјите што ја поддржуваат војната може да сметаат за себе дека се во војна, но Унијата не може да се користи за воени цели сè додека и само една земја-членка се противи на тоа. А Унгарија се противи, посочи Орбан.

Тој го поврза членството на Украина во ЕУ со далекусежни последици: економски колапс, нарушување на европскиот земјоделски систем и пренасочување на развојните фондови на ЕУ. – Со пристапувањето на Украина, војната би ја наметнала својата крвава реалност врз ЕУ. Токму од ова се плашиме, рече тој, предупредувајќи дека Унгарија би преминала од нето-примател во нето-донатор во Унијата.

Според него, како што пренесува порталот АбаутХангари (abouthungary.hu), повеќе од два милиони унгарски гласачи веќе ја изразиле својата јасна позиција за ова во национална консултација.

Осврнувајќи се на неодамнешните геополитички промени, Орбан укажа на реконфигурацијата на глобалната економска моќ. – Време е сериозно да се земе предвид дека Соединетите Американски Држави започнаа длабока трансформација на претходно непоколебливиот глобален трговски поредок, вели Орбан. Тој нагласи дека земјите од Далечниот Исток, особено Кина и таканаречениот Глобален Југ, одговараат со сила и организација „невидени со децении.“

Индија, додаде тој, се спротивстави на западниот економски притисок и ја зајакна соработката со оската Кина-Русија — развој што, според него, ќе влијае и на надворешната трговија и надворешната политика на Унгарија.

Унгарскиот премиер ја критикуваше Европската Унија дека не успева да држи чекор. – Дури и нашите ниски очекувања беа длабоко разочарувачки, рече тој, додавајќи дека ЕУ ефективно се отстранила од тесниот круг на глобалните сили.

Враќајќи се на прашањето за миграцијата, Орбан рече дека Унгарија останува „остров на мир и безбедност“, со нула нелегална миграција и без криминал поврзан со миграцијата. Тој потврди дека унгарската влада го отфрла миграцискиот пакт на ЕУ, кој Брисел сака да го спроведе во 2027 година. – Бидејќи одбиваме, Унгарија се казнува со 1 милион евра дневно. Срам за Брисел, рече тој.

Орбан, исто така, исклучи каков било политички компромис за миграцијата, нагласувајќи дека ова прашање не остава простор за грешки. – Сè додека Унгарија има национална, а не влада предводена од Брисел, јужната ограда ќе стои, нема да има миграциски пакт, а со тоа ниту мигрантски гета, ниту мигрантски криминал, посочи тој.

На крајот, Орбан рече дека не гледа капацитет за обновување во Европската Унија. Она што го гледа, предупреди тој, се „постојани одлуки, планови за централизација, одбрана на неуспешните политики заснована на престиж“.

– Гледам дека Соединетите Американски Држави и Азија нè престигнуваат. И гледам дека способноста, силата и знаењето на Унгарија се развиваат побрзо — и го усогласуваат својот раст со тој на Соединетите Американски Држави и Азија, а не со Европската Унија, заклуќи шефот на унгарската Влада

МИА