Македонија
3. May 2022 - 16:33

Османи тврди дека Теута Арифи не била кандидат за амбасадор

Теута Арифи никогаш не била предлог за амбасадор во Вашингтон и Анкара, за Брисел пак само се размислувало - министерот за надворешни работи Бујар Османи во одбрана на екс градоначалничката на Тетово, вели процесот за добивање агремани е доверлив, но бидејќи се споменува името на Арифи, мора да реагира - ниту имало предлог ниту пак ја одбиле.

Но спротивно од тврдењето на Османи, во март годинава, лидерот на ДУИ, Али Ахмети прашан по којa основa неговата сопартијка Арифи е предложена за амбасадор во ЕУ, тој одговори дека тоа е поради нејзиното долгогодишно искуство во областа на евроинтеграциите, со што потврди дека Арифи е предлог на ДУИ за амбасадор.

„Арифи беше заменик претседател на Влада задолжена за Евроинтеграции. Го познава процесот и нема потреба да се линчуват луѓе кои ќе изгубат една битка во војна. Важно е нештата да се движат напред и секој да придонесе во правец на избрзување на процесот на интеграција на нашата земја во ЕУ. Беше констатирано дека Арифи може да даде придонес во овој правец поради поранешниот контрибут, поранешните врски во регионот и во ЕУ.”

Арифи денеска остана воздржана од коментари. Иако побаравме нејзин став околу ситуацијата последниве денови, каде беше повикана од јавноста дека на три места е одбиена за амбасадор, сепак не одговори.