Македонија
17. April 2022 - 16:35

Остри реакции по вчерашното отворање на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола

Претседателот Стево Пендаровски смета дека отворањето на клуб кој го носи името на докажан соработник на фашистичкиот режим не може да биде мост на зближување, стои во одговорот  од кабинетот на претседателот за Сител.  

Пендаровски потенцира дека на вчерашниот настан заедно со бугарскиот премиер присуствувале двајца поранешни функционери, кои биле  најгласни противници на македонскиот пат кон ЕУ а со нивните изјави за настанот биле минимизирани пораките за добрососедство кои ги упатил бугарскиот премиер. 

„Во 2017 година, идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ. За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока.“

Премиерот Ковачевски тврди дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани и очекуваат ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание.  

„Се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Воедно и Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања“.

Опозицијата му порача на бугарскиот премиер доколку навистина се залага за европските вредности и добрососедством, тогаш треба да отвори македонски култутрни центри во Бугарија. 

Поранешниот министер за надворешни Никола Димитров смета дека се води политика на само газење. Димитров потенцира дека од бугарскиот премиер македонската јавност дознава какви ветувања дава нашата влада и дека се сложила да усвои амандман на Уставот на почеток на преговорите, нешто што претходното раководство на  Владата го оставило за на крај од процесот при зачленување во ЕУ.

- Надворешната “политика” на владата кон Бугарија е збир на постојани концесии и на бескрајно трпение за провокации и навреди, без притоа другата страна да се помести од нивните првични позиции од некој друг век и свет. Оваа "политика" и за аматери е јасно дека е погубна и никако ама никако не може да се спакува како “мудрост”. Таквата “политика” не само што го потхранува апетитот на Бугарија и потврдува дека ветото е продуктивно и работи за нив, туку не води сметка за достоинството на македонскиот народ, кој со право се чувствува навреден и онеправдан, вклучувајќи и од вчерашната парада во Битола.

Владата да го преиспита работењето на министерот Османи порача градоначалникот на Куманово. Димитриевски смета дека отворањето на клубот и посетата на делегацијата е провокација за македонскиот народ. 

-Му предлагам на Петков како компромис, „доколку толку воздигнуваат еден потврден фашист и колаборационист нека си го слави и воздигнува Ванчо Михајлов во Бугарија и со тоа само ќе потврди дека добар дел од бугарската политичка елита никогаш се нема откажано од фашистичката идеологија и фашизмот на нивните предци“. Тргнете суштински чекор по чекор по примерот на големиот Вили Брант, извинете се во името на нацијата, осудете го фашизмот и дури тогаш можеме вистински а и братски да продолжиме заедно сите од регионот на патот кон ЕУ. До тогаш ние како "добар сосед" во Македонија оваа наша, овде ќе си го славиме Гоце Делчев и Јане и Даме и Карпош и многу други како столбови и творци на нашата Македонска држава. 

Рекација и од партијата на Павле Трајанов. Сметаат дека стратегијата на Македонија за отпочнување преговори со ЕУ е во колапс и истата треба да се редефинира. Осврнувајќи се на последните предлози, изјави и реакции од бугарска страна порачуваат: 

„Темелно преиспитување на Стратегијата на Македонија за полноправно членство во ЕУ (ако воопшто ја имаме), која е очигледно погрешна, како и тајните разговори кои се водат со Бугарија за деблокада на овие процеси. Предлагаме министерот за надворешни работи Бујар Османи, да го инфирмира Парламентот за сите аспекти на нашите евроинтегративни процеси, како и за разговорите со Бугарија.