Македонија
4. August 2026 - 16:30

Осум дена притвор за кратовчанката што незаконски наплаќаше влез во „Куклица“

Кратовчанката која незаконски наплаќаше влез во локалитетот „Куклица“ оди во притвор. По предлог на кумановското јавно обвинителство, судот и одреди осумдневен притвор на 41-годишната Стојна Димитровска. Најстрогата мерка за обезбедување, е побарана бидејќи, како што наведува обвинителството, постоела опасност жената да побегне или да ги повтори делата.

„Осомничената подолг период, и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот „Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир“, велат од Јавното обвинителство. 

На Димитровска и претходно и биле изрекувани мерки на претпазливост и забрана за посета на локацијата кои одбивала да ги почитува, а при последниот инцидент и физички се пресметала со полицијата кога се обиделе да ја приведат.

„Јавниот обвинител го имаше предвид и фактот дека против ова лице веќе е во тек постапка за продолжено кривично дело, узурпација на локалитетот „Куклица“, во која и се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, меѓутоа, таа одбегнува да го прими и почитува решението“, додаваат од Јавното обвинителство.

Од обвинителството за Сител велат дека по завршување на истрагата, не се исклучува за Димитровска да биде побарано продолжување на мерката притвор.

Последната пријава за Димитровска полицијата jа добила за време на празникот. На 2 август, во доцните попладневни часови околу 18 часот, таа, физички нападнала повеќе лица кои дошле во посета на локалитетот. Набрзо потоа, жената била уапсена, а на предлог на обвинителот, одреден и е притвор.

Во меѓувреме, во судот во Кратово денеска почна судењето против нејзиниот сопруг, кој минатиот месец попречи увид на пазарните инспектори. Тој во моментов веќе e притвор во траење од 30 дена.