Македонија
29. August 2023 - 16:45

Пациент извлечен од запалено возило на Брзата помош

Се запали амбулантно возило во Куманово. Во инцидентот нема повредени. Со возилото на Здравствен дом Куманово утринава бил вршен транспорт на пациент за контрола на Клинички во Скопје и на враќање на 100-тина метри од неговиот дом  почнало да излегува густ чад од предниот дел близу моторот. Возачот кој бил без медицинска екипа веднаш го извлекол пациентот од комбето и потоа со луѓе кои биле во близина почнале да го гасат димот. За кратко време пристигнале и пожарникари.

- Возачот додека го управувал возилото на враќање од Скопје видел дека нешто дими од предниот дел дали е од моторот или електрониката ќе покаже сервисот. Тој веднаш го застанал возилото, прво го однел пациентот дома зошто биле во близина на неговата куќа, а потоа почнал со луѓе кои биле во близина да го гаснат димот, оган немало, изјави Фарук Алили, директор на Здравствен дом Куманово.

Увид на лице место извршиле и полициски службеници. Директорот на Здравствениот дом тврди дека сите возила биле осигурани и редовно сервисирани, а вакво нешто прв пат се случило.

-Ние побаравме полиција да изврши увид зошто возилото е каско осигурано, изјави Алили.

Здравствениот дом возилото го користело од 2012 година. Директорот вели дека имаат на располагање и други возила и пациентите нема да бидат оставени без Брза помош или транспорт.

Инаку според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации направено пред Короната во земјава на располагање имало 183 амбулантни возила со просечна старост од 11 години, а функционерите користат дури 2600 –тини службени возила, односно на секои 15 службени доаѓа по едно амбулантно.

Состојбата е слична и сега.