Македонија
8. September 2025 - 16:32

Партиите со честитки за Денот на независноста

Државата не е сопственост на партиите, туку на граѓаните. Таа е нашиот дом, за кој мора да се бориме сите. Лидерот на опозицијата го честиташе денот на независноста со порка до власта дека патриотизам не е само веење на знамето.

-Денес државата е повторно пред закана – не од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата. Оваа власт ја претвора државата во сопственост на малкумина, а ја оддалечува од граѓаните. Сакам да ѝ порачам на власта – ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша. Патриотизам денес не значи само да се вее знаме, туку да се обезбеди фер судство, еднакви шанси за сите, поддршка за послабите, чист воздух за сите граѓани и отчетност во трошењето на јавните ресурси. “ вели Филипче.

Нашата современа историја не може да се разбере без да се спомене и Охридскиот договор, кој ѝ даде на државата димензија на еднаквост и ја направи заеднички дом за сите граѓани. Независноста и еднаквоста се двата столба врз кои се гради нашата заедничка иднина, стои во честитката на владејачката ВРЕДИ.

Придобивките од Охридскиот рамковен договор се во фокусот и на честитката на лидерот на ДУИ.

-Ги поканувам македонските политички лидери од целиот политички спектар да ја напуштат политиката на инсталирање на погрешна перцепција кај Македонците за Албанците и соживотот, да демонстрираат лидерство, да се вратат на патот на почитувањето на политичката волја на нивните сограѓани Албанци на избори, да се залагаат за еднаквост и спроведување на духот на Охридскиот договор и заедно да го следиме европскиот пат, пишува Ахмети на фб.

Денот на независноста го честиташе и Социјалистичката партија на Македонија.

-Денес да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Затоа да не им го одземаме на нашите наследници она што ни го оставиле нашите претходници, стои во честитката на СПМ.

Порака преку социјалните мрежи испрати и првиот човек на Европскиот совет.

-Европската Унија останува посветена на заедничката иднина, но и на европскиот пат на Северна Македонија, пишува Кошта.

Цврсто го поддржувам вашиот пат за приклучување кон нашата Унија. Ние сме со вас на секој чекор од тој пат, стои и во честитката на еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Претходно пишана честитка до претседателката Сиљановска упати и американскиот претседател Трамп во која порача дека со нетрпение очекува Македонија и САД да го унапредат партнерството.