Партиите со меѓусебни обвинувања за пожарите и штетниот воздух
На Скопје му се случува еколошка катастрофа а неспособната власт нема капацитет и знаење да се справи со состојбите обвини СДСМ. Опозицијата бара итна и темелна истрага за сите случаи како и кривична и политичка одговорност од сите институции кои не постапиле навремено.
Од владејачката партија велат лицемерието на СДСМ е прочитано од граѓаните и ја прашаа Кузеска зошто вчера не носела маска за време на забавата на општина Центар.
- „Овие нивни прес-конференции кои се лажни, дволични се само одраз на забеганоста на нивното раководство кое додека штанца непромислени соопштенија и прес- конференции, не може да сфати дека не живееме сите на Марс како нивното раководство, и се гледаме низ Скопје, а гледаме и колку се загрижени за ситуацијата. Тоа што е најтрагично ќе биде ако се докаже дека СДС и ДУИ стојат за подметнатите пожари пред избори (кои никогаш ги немало минативе години). Е тогаш ќе им требаат маски бидејќи Идризово е блиску до Трубарево.“
Скопје гори, Изет се чешла велат интегративците кои во неколку соопштенија испратија остра критика кон министерот Изет Меџити кој е кандидат за општина Чаир. Противкандидатот за О. Чаир од ДУИ го повика Изет Меџити итно да си поднесе оставка бидејќи директно го загрозувал здравјето на граѓаните со својата неактивност и дополнително што со државна плата води кампања како кандидат за локални избори.
- „ Додека воздухот во Скопје синоќа мирисаше на отров, Изет Меџити, кој очигледно заборавил дека е министер за животна средина, не кажа ниту збор. Не излезе пред јавноста, не даде препораки, не понуди информации, не упати ниту еден апел. Во време кога Скопје мирисаше на изгорена пластика, батерии и електронски отпад, кога граѓаните стравуваа за своето здравје, на Изет Меџити му беше најважно да пренесува во живо партиски настан во Чаир, како ништо да не се случува.“
Меџити вели дека не чувствува одговорност бидејќи тој вчера бил во постојана комуникација со инспекторите и со останатите министри.
По вчерашниот пожар во Трубарево и пожарите на останатите депонии остри реакции упатија и останатите политички партии и граѓански активисти кои бараат сериозни мерки и одговорност.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар