Македонија
26. April 2026 - 16:38

Пчеларите под притисок: Помалку мед, повеќе фалсификати

Сè помалку мед, сè повеќе проблеми за пчеларите. Климатските промени и нелојалната конкуренција од фалсификуван мед сериозно го притискаат секторот, кој веќе неколку години се бори со намалено производство.

- Овие последните две три години, од 30 до 40% се намалени приносите. Сето тоа се должи на климатските промени, на сушата. На пример ќе паднат интензивни дождови ден -два, а потоа ќе нема со месеци. Природата не може да се развива, а пчелата е зависна од природата, изјави Драги Манев, пчелар.

Проблемот го продлабочува и присуството на евтин, индустриски мед на пазарот. Според пчеларите, дел од него содржи гликозен и пченкарен сируп, што ја руши довербата кај купувачите и создава нелојална конкуренција. Дел од медот останува непродаден и завршува во магацините, додека пчеларите бараат построга контрола и јасно означување на производите.

- Најпрвин треба да се сопре фалсификуваниот мед, односно да се декларира. Јасно да пишува колку проценти има мед, а колку гликозен сируп, изјави Горан Миловски-претседател на Здружение „Пчелар 2014”.

Во меѓувреме, велат дека граѓаните можат и самите да направат основна проверка на квалитетот.

- Треба да се покаже тој меур и ако не е компактен тогаш не е прав мед. Друг начин е да се провери со лажиче. Ако медот се цеди како конец , а не капка по капка, тоа е доказ за квалитетен мед, додаде Манев..

Во источниот регион работат околу 1.000 пчелари со близу 40.000 пчелни семејства, додека вкупното годишно производство во државата достигнува околу 2000 тони.