Пендаровски бара двојни напори за справување со корупцијата
Владата треба да ги удвои ресурсите за борба против корупцијата и да изготви акциски план за нејзино сузбивање, побара шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за Канал 77 по повод последниот извештај на Транспаренси во кој Македонија се најде на најлоша позиција досега. Да не бил спорот со Бугарија, Пендаровски, вели дека токму корупцијата ќе била главно прашање врзано за преговорите со Европската унија.
„Перцепција е неспорно, бидејќи насловот на документот е тој-перцепија. Меѓутоа, е доволен индикатор да се замислиме. Перцепција е, бидејќи сами кажуваат дека е – „што мислите...“, бидејќи не ги бројат случаите во суд што завршиле со висока корупција, но мислам дека е крајно сериозен индикaтор и затоа мислам дека Владата треба не само преку вицепремиeрот за борба против корупцијата, туку генерално сите ресурси двојно да ги удвои и да покаже уште поголема од оваа политичка волја и да се фати во костец со тоа зло“, вели Пендаровски.
Од опозицијата пак, коментираат дека Претседателот е само продолжена рака на Заев и дека досега не направил ништо за спречување на корупцијата.
„Сега ќе изработат некоја методологија од кај Зоран Заев и ќе му ја предложат на Пендаровски. Тој ќе рече супер е, и така до следната година кога нема да бидеме на 111 туку на 121 место. Среќата е што работиме до тогаш да не биде оваа влада на Заев па така ќе му биде потешко на Стево Пендаровски да глуми арбитер во сево ова наместо да се зафати со работи кои според Устав му се надлежности“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со информациите во јавноста дека министрите Спасовски и Маричиќ немаат безбедносни сертификати од НАТО, Пендаровски во интервјуто посочува дека досега ниту еден политичар не е одбиен од Алијансата. Шефот на државата вели дека досега вакви сертификати освен него, имаат добиено уште 40 до 50 виоски функционери во државата, а уште 100-тина се во процедура.
Пендаровски стои и на ставот дека попис ни е потребен и дека законот не е проблем, но дека не е лошо тој да се одложи за месец до два додека не почне вакцинацијата за Ковид 19.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
