Петмина средношколци завршија на штипско инфективно поради труење со храна од сендвичара
Пет ученици од штипското средно стручно училиште „Коле Нехтенин“ завршиле на инфективно одделение, откако јаделе сендвичи со пилешки стек од сендвичара - киоск во близина на училиштето и се здобиле со симптоми на труење.
Мајка на ученик, која сакаше да остане анонимна раскажува дека нејзинот дете ги добило првите симптоми само неколку часа по консумацијата на храната и се сомнева во квалитетот на месото или компирите кои ги јаделе.
-Детето јадело стек со компири од сендвичарница, веројатно така и другите деца се заразиле и имат тровање. Веќе неколку дена се овде во болницата, од четвртокот и петокот се овде децата. Кога дојде дома детето беше бледо и поспано и имаше температура. Потоа имаше гадење, пролив и така продолжи истата ситуација и во петокот. Кога стана по често дојдовме во болницата овде со упaт за да им дадат инфузија. Веројатно е тровање, затоа што има и многу други другарчиња и од контамирана храна, доставена во сендвичарницата. Веројатно е некое расипано месо, најверојантно стек или компири, нешто такво, изјави мајката на детето.
Таа упати апел до надлежните да вршат чести контроли на местата каде се чува храната и на самите угостителски објекти каде се послужува.
-Храната што е оставена по магацините да се контролира и да се продава хигиенски исправна храната и на сендвичарите и на рестораните, каде што се служат децата со храна. Да нема контаминирана храна и од магацините да се воде сметка како се продава, а и како се обработува во рестораните и сендвичарите.
Агенцијата за храна и ветеринарство преку соопштение информира дека по добиена пријава од Центарот за јавно здравје дека пет лица се здобиле со симптоми на труење, извршиле инспекциски надзор во сендвичарата, земени се примероци од инкриминиранта храна за лабораториско испитување и брисеви од работните површини.
По наредба на инспекциските служби на АХВ сендвичарата е времено затворена со до добивање на резултатите од лабораториските испитувања, со кои ќе се потврди нејзината безбедност.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар