Пиротехниката не е забава, СВР Струмица и Црвениот крст апелираат за безбедни празници
Забавата со пиротехнички средства може да заврши фатално или со сериозни последици по здравјето. Праксата покажува дека дури 90 проценти од корисниците на петарди се деца, од кои скоро 80% се соочуваат со повреди и долготрајни здравствени оштетувања.
Токму затоа надлежните апелираат празниците да се поминат без пиротехника, бидејќи забава која трае момент може да остави последици за целиот живот.
Дека најчесто пиротехнички средства користат најмладите, потврдува и претседателот на Здружението на пиротехничари и деминери Ефтим Митров кој апелира до родителите да не дозволуваат нивна употреба, бидејќи станува збор за опасни материи, законски забранети.
Со цел практично да се прикажат ризиците, СВР Струмица, во соработка со Црвениот крст, организираше симулациска вежба, на која граѓаните имаа можност да видат какви последици може да предизвика невнимателната употреба на пиротехника.
Вежбата е дел од кампањата ,,Сигурни празници, без употреба на пиротехника,, која покрај вежбите опфаќа и серија работилници и едукативни предавања за учениците, каде се објаснуваат штетните последици од употребата на пиротехника и казнените одредби поврзани со нивната набавка и употреба.
СВР Струмица апелира до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехника, не само поради санкции, туку пред се за лична безбедност, со што ќе придонесат за празнична атмосфера без ризици.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
