Македонија
30. July 2025 - 16:42

По изгласаната недоверба, власта очекува оставка од Коцевски

Власта очекува оставка од Љупчо Коцевски откако вчера парламентот му изгласа недоверва на државниот обвинител. Засега неговото разрешување не се планира и покрај тоа што Владата на почетокот од годината покрена постапка за негова смена тврдејќи дека тој својата функција не ја извршувал професионално.

Јасна беше волјата на пратениците и пораката која вчера ја испрати Собранието. Тоа е силен институционален сигнал кој не може и не смее да биде игнориран. Очекуваме државниот јавен обвинител да постапи морално и да поднесе оставка. Тоа би било одговорен и достоинствен чин, во интерес на правдата и довербата на граѓаните“, сметаат од Влада коментирајќи дека вчерашниот исход покажал дека не се основани тезите на опозцијата за наводна спрега меѓу власта и Обвинителството.

Оваа Влада не калкулира со правдата“, велат од кабинетот на премиерот.

Слично размислуват и во владејачката ВМРО-ДПМНЕ која ја поддржа интерпелацијата поднесена од опозициската Левица.

Првично оставка од Коцевски очекуваат и подносителите Левица, но велат дека изгласаните заклучоци по интерпелацијата дека тој не ја вршел својата функција професионално ја задолжуваат и Владата да ја продолжи постапката за разрешување.

Но, на јавниот притисок за оставка засега не се одзива државниот обвинител. Коцевски не одговара дали самиот ќе замине од функцијата поради тоа што тие што го изгласале сега повеќе не го сакаат, или пак, ќе остане на функцијата, како што тоа го направија членовите на Судскиот совет.

Парламентот вчера со 71 глас, собрани од подносителот Левица, владејачките ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди и опозициското крило на Таравари изгласа интерпелација за обвинителот Коцевски. СДСМ и ДУИ не учествуваа со гласањето, обвинителот доби порака од опозцијата да продолжи со својата работа.

Љупчо Коцевски беше избран за обвинител во февруари 2024 година во време на претходната власт. Една година подоцна власта на ВМРО-ДПМНЕ почна постапка за негово разрешување, но таа беше прекината поради трагедијата во Кочани.