Почна постапката за брендирање на костеновиот мед од Беласица
Костеновиот мед од планината Беласица во иднина на пазарот да се нуди како посебен бренд. За таа цел пчеларската задруга Пчелин рај од Струмица веќе покрена постапка за брендирање на овој вид мед. Од задругата велат дека медот произведен од цветот на костените е многу поквалитетен, а потврда за тоа била и повисоката цена на пазарот во однос на другите видови, но и големиот број признанија добиени на интернационалните натпревари. Велат Беласица има огромен потенцијал за вакво производство кој треба да се искористи.
Струмичките пчелари постапката за брендирање ја реализираат со поддршка на германската покраина Северна Рајна Вествалија. Елаборатот со барањето за брендирање и останата потребна документација веќе биле доставени до Министерството за земјоделие и се чека на формирање комисија која треба да утврди дали овој мед заслужува да добие ознака за географско потекло. Во меѓувреме дел од пчелните семејства се пренесуваат на локации со големи површини со костенови дрвја, но се работи и на анимација на локалното население.
Костеновиот мед е многу редок во Македонија, а освен во Беласица потенцијали за негово производство има и во регионот на Шар Планина и во кичевско.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар