Македонија
23. January 2023 - 16:32

Почна второто полугодие - ќе биде ли помирно од првото во кое имаше дојави за бомби?

Детскиот џагор се врати во училиштата. По пролонгирањето второто полугодие почна без поголеми проблеми. Иако сме во сезона на вируси во едно од поголемите основни училишта во Скопје „Лазо Ангеловски” немаше голем број отсутни деца.

- Второто полугодие почна во нормални услови, немавме многу отсутни деца поради сезонските вируси, само мал дел отсуствуваат, изјави м-р Магдалена Петреска, директор на ООУ„Лазо Ангеловски“.

Децата пак најмногу заради дружбата со врсниците чекаа да се вратат во училишните клупи.

Во првото полугодие дојавите за бомби во училишта беа сериозен предизвик за образовниот систем.

- Сабалје разговаравме за тоа со колегите, се надеваме дека барем на првиот ден нема да имаме вакви случувања. Инаку поради претпазливост постојано го проверуваме маилот, рече Магдалена Петреска, директор на ООУ„Лазо Ангеловски“.

Поради продолжениот зимски распуст и заштеда на греење годинава учебната година ќе трае 3 дена повеќе и наместо на 9 ти во петок треба да заврши на 14- ти јуни во среда.