Македонија
21. September 2016 - 16:38

Полицијата мора да биде блиска до граѓаните

Полицијата мора да биде блиска до граѓаните, да одговара на нивните потреби и проблеми, eдна од главните цели е да ги штити и почитува човековите слободи и права на поединецот. Проектот за јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување финансиран од ЕУ и Советот на Европа вреден 550 илјади евра треба да ги даде своите резултати во следните 18 месеци. Министерот Спасовски вели дека секој поединец во МВР мора да биде свесен за својата одговорност. Раководителот на секторот за соработка при делегацијата на Еу очекува овој проект да ја врати довербата на граѓаните во полициските службеници.

- Ако нема свесност за одговорната улога кај секого поединечно дека само со професионален пристап во работата можеме да бидеме од корист на граѓаните и државата, ниту еден контролен механизам нема да биде доволен. Затоа заедно со професионалците во Министерството за внатрешни работи се определивме кон совладување на сите наследени проблеми во функционирањето на МВР, што се одрази дури и до структурите на внатрешната контрола. Не се дозволиви злоупотреби на Министерството и на вработените во кој и да е сектор во полицијата, за разни други цели, спротивни на интересите на граѓаните. Полицијата мора да ги почитува човековите права и ќе ги почитува. Полицијата така мора да функционира, рече Спасовски.     

 - Во овој проект се работи за еднаквост пред законот, за постапување со лица во тешка ситуација со пристап до човекови права. Тоа значи се поголемо усогласување со стандардите кои се користат во ЕУ, рече Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка при делегацијата на ЕУ во РМ.

Најголема загриженост претставува бројот на пресуди од судот за човекови права. Вкупно 11 за случаи во кој е повреден членот три за забрана за тортура и нечовечко или понижувачко постапување.

Проектот треба да воведе ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување надворешен механизам. Оваа цел, ќе се постигне преку воспоставена законска и институционална рамка кој ќе го овозможи функционирањето на овој систем.