Македонија
13. February 2024 - 16:38

Половина од штипскиот такси возен парк од утринава останаа принудно паркирани

Половина од штипскиот такси возен парк од утринава останаа принудно паркиран. Такси компаниите чекаат донесената одлука од пратениците во Собранието, со која старите возачки и сообраќајни дозволи со името Република Македонија да важат до 31 декември, да стане правосилна. Стравуваат дека доколку дојде до сообраќајна несреќа, нема да можат да си ги надоместат побарувањата од осигурителните компании.

- Ние имавме над 50% со стари возачки дозволи. Не смеевме да си дозволеме ризик 10 до 15 возила да бидат на терен и ако се случи нешто ние да бидеме виновни, изјави Глигор Арсов, претседател на Здружение на такси превозници - Штип.

Штипските таксисти засега немат проблем со новите налепници НМК. Сите возила им се редовно регистрирани и се со нови регистарски таблички. Во план се да поднесат иницијатива за професионалните возачи да имаат приоритет при обнова на своите документи.

- Зборуваме за професионални возачи и најверојатно ќе бараме и некоја привилегија да можеме меѓу првите да ги промениме возачките дозволи, додаде Арсов.

Воедно ќе се обидат да реализираат и некои од своите долгогодишни барања, како либерализација на пазарот, со што тарифите за такси услугите, наместо Советот на општината, да ги одредуваат самостојно.