Свет
11. November 2026 - 9:04

Полска одбележува 108 години од независноста

Полска денеска одбележува 108 години од независноста, при што се организирани голем број официјални државни свечености, спортски манифестации, културни настани, како и Маршот на независноста.

Централниот државен настан се одржува на Плоштадот Пилсудски пред Гробот на непознатиот војник, каде ќе има свечена смена на стражата, на која присуствува претседателот на Полска. Исто така е предвидена и воена парада.

По 123 години поделеност меѓу соседните империи – Русија, Прусија и Австро-Унгарија, Полска на 11 ноември 1918 година ја обновува својата независност. Полскиот лидер Јозеф Пилсудски на 16 ноември испраќа телеграма до светските сили, со која официјално ги известува за раѓањето на независната и преродена Полска Држава.

Во Варшава денеска по повод Денот на независноста на Полска ќе се одржи традиционалниот годишен собир Маршот на независноста (Marsz Niepodległości).

Маршот на независноста се организира од 2010 година, а од декември 2011 година организатор на собирот е здружението Марш на независноста, кое се прокламира како „чувар на полскиот идентитет, суверенитетот и националниот интерес, како и на христијанскиот поредок, најдобро изразен преку мотото: Бог, чест, татковина“.

Маршот претставува една од најголемите патриотски и националистички демонстрации во Европа, на кој учествуваат и голем број националисти од цела Европа.

Рекорден одзив е регистриран во 2018 година на одбележување на стогодишнината од независноста кога државниот марш предводен од тогашниот претседател Анджеј Дуда и националистичкиот марш се споија, а бројот на учесници беше над 250.000 луѓе.

Секоја година Маршот на независноста се одвива под различен слоган. Денешниот марш е под мотото „Полјакот е домаќин на сопствената земја!“ (Polak w Polsce gospodarzem!), а организаторите очекуваат до 500.000 учесници.

На овогодишниот Марш присуство најави и полскиот претседател Карол Навроцки заедно со националистичките и конзервативните движења.

Изминатите години маршевите поминуваат мирно, без големи немири, за разлика од 2011, 2013, 2014 и 2020 година. 

МИА

Ново на Сител