Македонија
28. January 2026 - 16:31

Поминаа измените на Кривичниот законик за членот 353, гласаше и СДСМ

Поминаа измените на Кривичниот законик со кои се предвидуваат повисоки казни за корупција извршена од функционери и службени лица, наспроти решенијата што власта на СДСМ и ДУИ ги воведе во 2023 година, а со кои се овозможуваше полесно застарување на предметите.

Со законското решение се воведуваат и нови кривични санкции во делот на „Сејф сити“, како и олеснета постапка за пријавување сторители на семејно насилство. За измените гласаше владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, а поддршка даде и пратеничката група на СДСМ.

Предлогот за измените на Кривичниот законик дојде од власта, но корекцијата, всушност, беше направена по барање на Уставниот суд, кој поведе постапка за првичните измени донесени пред три години.

Иако овој пат и СДСМ гласаа „за“ измените, сепак излегоа со забелешки за законското решение.

Левица, исто така, не го поддржа Кривичниот законик, со образложение дека казните за функционерите сè уште се мали, но не гласаше ниту против.

Во експресна процедура, без дискусија, денеска со политички консензус беше избран и новиот состав на Државната изборна комисија. За претседател е избран поранешниот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ од СДСМ, додека останатите членови остануваат исти: Абдуш Демири од Вреди, Александар Даштевски, Светлана Карапетрова и Ангелчо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ, Димитрие Шеху од ДУИ и Борис Кондaрко од СДСМ.

Избрани беа и двајца нови членови на Комисијата за заштита од дискриминација – Лимко Бејзароски и Наташа Абдију. Собранискиот спикер Гаши го констатираше и повлекувањето на кандидатурата на Џинан Ахмед, за која во јавноста вчера имаше бурни реакции поради нејзината некомпетентност за функцијата.