Поради масовно иселување бизнисот нема кадар за работа
Поради масовното иселување македонските компании се повеќе се соочуваат со недостигот на работни сила од секаков вид. Бизнисмените го вклучија алармот, велат дека проблемот мора да се решава под итно. Од Регионалната стопанска комора во Припеп дури предложија тоа да се направи ако треба и со увоз на работна сила.
„Има можност да се спречи на национално ниво со тоа што може да се направи одредена национална стратегија, да може да се отворат нашите можности, нашите компании, нашата држава за увезување на потенцијална работна сила, што покасно анализите ќе ни покажат. Бугарија го направи со увоз на претставници на потенцијална работна сила од Индија и Кина. Значи може да го следиме тој чекор“, изјави Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
Дел од компаниите пак велат дека стипендирањето на средношколците и студентите еден од начините тие да се задржат тука. Дел веќе започнале со оваа мерка.
„Инвестиравме во средното индустриско училиште Ристе Ристески Ричко 80.000 долари, во реновирање на 4 практични училници, се со цел добивање на едуциран млад кадар кој иднината и опстанокот ќе го гради во општина Прилеп“, рече Кире Станкоски, стопанственик.
Македонските компании исто така бараат еднакви услови како и странските инвестиции во ТИРЗ-овите.
„Се соочуваме со одлив на работна сила во зоните, но знаеме дека се корисници оние кои партиципираат таму, кои работат, на накаква државна помош, која значително ги олеснува условите за работење во однос на домашните компании“, вели Орде Ѓорѓиоски, стопанственик.
Но за жал засега нема решение за најголемата причина за иселувањето, а тоа е ниската плата, која воопшто не е доволнa за пристоен живот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
