Македонија
12. September 2020 - 16:49

Поради позитивен случај во градинка во Свети Николе објектот не започнал со работа

Официјалните резултати од тестирањето покажаа дека вработената во светиниколската детска градинка „Рахилка Гонева“, Клон 1 е позитивна на Ковид 19. Вратите на градинката не се отворија во средата за 110 дечиња кои престојуваат во претшколската установа, токму поради тоа што вработената имала симптоми. Таа е дел од техничкиот персонал кој вршел подготовка за прием на децата во понеделникот на 7-ми септември. Во телефонски разговор, градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски за Сител изјави дека позитивниот резултат ја потврдил исправноста на одлуката за не започнување со работа на детската градинка, Клон 1, а додека останатите клонови извршиле прием на децата.

Врз основа на сите информации кои што ги добивме и врз основа на укажувањата, денес извршивме вонредно дезинфицирање на сите простории и дворот на градинката од страна на Центарот за јавно здравје- Велес. Исто така стапивме во контакт и со надлежните епидемиолошки служби и очекуваме најдоцна до утре да добиеме конечни епидемиолошки наоди, односно слика за тоа, дали имала вработената контакт со другите вработени, изјави САШО ВЕЛКОВСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА СВЕТИ НИКОЛЕ.

Согласно алгоритамот и протоколот за работа на градинките во текот на следните денови се очекува да добијат зелено светло за редовно започнување со работа и прием на децата.