Македонија
21. April 2026 - 12:54

Поради влажни коловози и одрони се препорачува внимателно возење во поширокиот дебарски регион

Дождот, кој во дебарскот регон, со различен интензитет врне од вчера попладне, предизвикува помали одрони на патиштата во ова подрачје, поради што се препорачува внимателно возење.

- Има помали но чести одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози се препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Екипи на секцијата се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 110 километри: делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“,  додека на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“ (Манастирец).

Дождот поволно ќе се одрази во зголемувањето на нивото на акумулацијата Дебарско Езеро на ХЕ „Шпиље”, каде просечната кога за месец март изнесуваше 573,50 метри надморска височина, а резервата на вода на 31 март изнесуваше 26 GWh, или непрекината работа за околу три недели.

Секако дождот е добредојден за развојот на  житни култури и подготовките на површините за засадувањето на градинарските култури.

 

МИА

Ново на Сител