Укинувањето на Пржинската влада влезе во Собрание
Кога и да се одржат, наредните парламентарни избори ќе бидат последни кои ќе ги организира техничка влада. Измените на Законот за влада со кои се предвидува нејзиното укинување влегоа во Собраниска процедура.
„Иако преодната влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието во конкретен историски контекст имаше одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана“ – се вели во образложението на предлог Законот на кое е потпишан Министерот за јавна администрација кој предлага скратена постапка.
Иако следните избори ќе ги организира техничка Влада, во СДСМ констатираа дека на премиерот му се брзало.
„Сѐ што СДСМ го посочуваше изминатиот период се потврдува. Власта шверцерски протнува законски измени на Законот за Влада, сакаат да ја укинат техничката влада односно единствениот механизам за контрола во изборен период. Ова доаѓа по силниот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ОКГ од над 150.000 гласови. Падна и менторот на Мицкоски – Виктор Орбан, се очекуваат сите процеси во Унгарија за испитување на бизнис релациите да започнат со формирањето на новата влада. Очигледно почнува да му се брза на Мицкоски.“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Премиерот Мицкоски бараше укинување на техничката Влада уште додека беше во опозиција. За тоа во јануари свика и лидерска средба на која единственото празно столче беше тоа на Филипче.
За укинување на пржинската Влада потребно е просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
