Поранешната антикорупционерка Димитровска не се чувствува виновна
Поранешната антикорупционерка, Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, на почеток на денешното судење, кажа дека не се чувствува виновна за кривичните дела за кои ја гони обвинителството.
„Ја разбирам содржината на обвинението и со целосна почит кон судот, сакам да истакнам дека не го признавам делото. Не се чувствувам виновна за двете кривични дела и сметам дека не сум сторила ништо за што сум обвинета“, изјави во судницата Татјана Димитровска.
Адвокатот на Димитровска, тврди дека таа не оддавала службена тајна бидејќи информациите кои ги споделила со обвинет во случајот „Адитив“, се објавени на седница на Антикорупциската комисија.
„Како дел од доказите на одбраната, ќе бидат четирите седници за четирите предмети кои и денеска се достапни на интернет. Од ДКСК, известен е судот дека е доставено известување со кое се потврдува дека ниту еден документ не е класифициран како службена тајна“, изјави Владимир Туфегџиќ, Адвокат на Татјана Димитровска.
Од обвинителството тврдат дека Димитровска седи на обвинителна клупа бидејќи откривала службени тајни. Тоа ќе го докажуваат со информации од мобилниот телефон на поранешната антикорупционерка. Проверката на нејзиниот мобилен се уште траел, се барале податоци и за други кривични дела.
„Обвинителството постапува по однос на сите тие обезбедени податоци, а кои произлегуваат од екстрахираните податоци. Во тек е обезбедување и на други податоци и анализираме по однос на тоа дали и истите претставуваат доказ за евентуално друго кривично дело“, изјави Фатон Азизи, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
На Димитровска и се суди и за компјутерски фалсификат, обвинителството открило дека во нејзино име друг и го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани инфомрации. Со неа на обвинителна клупа седат уште Билјана Мантева вработена во ТЕЦ Неготино и Миле Столевски, кој е колега на Димитровска од Државниот завод за ревизија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
