Поранешниот директор Васев помеѓу приведените на Онкологија
Само што го почнале работниот ден на онкологија приведени се поранешен директор, медицинска сестра и уште еден вработен на Клиниката. По наредба на јавен обвинител со полициска асистенција тројцата од здравствената установа биле изнесени со лисици на рацете, сведочат пациенти кои утринава чекале за преглед и терапија. Според неофицијални информации приведените се поврзуваат со скандалот за наводна злоупотреба и препродажба на скапи лекови кој пред 5 месеци почна да го истражува обвинителството.
- Видовте што се случувало утринава?
- Само го видов доктор Нино Васев како го приведоа, додека чекав да дадам крв во лабораторија тука помина со двајца полицајци врзани рацете му беа и го спроведоа, вели пациентка која во тој момент била на Клиниката.
Од јавното обвинителство не соопштуваат детали за акцијата. Официјално само кратко информираат дека извршени се претреси на три локации и задржани се четири лица. ОЈО продолжува со дејствија.
Дали и секретарката на Клиниката е меѓу приведените не знаеше ниту сегашниот организациски директор на Онкологија. Тој потврди дека утринава со налог од страна на полициски слубеници од установата на распит во полициска станица биле спроведени 3 лица.
- Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен и е телефонот, изјави Халид Матоши, организациски директор на Клиниката за онкологија.
Иако апсењата се случувале за време на најголемите гужви медицинската директорка уверува дека Клиниката функционира нормално и сите пациенти биле прегледани и добиле терапија.
- Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија, рече д-р Виолета Клисаровска, медицински директор на Клиниката за онкологија.
И пациентите кои денеска беа на Онкологија потврдуваат дека клиниката функционира нормално и покрај утринската акција по наредба на обвинителството.
- Да имаше малку гужва, но завршивме работа.
- Не, не чекавме дого, велат пациенти.
Случајот Онкологија обвинителството го истражуваше и во земји од регионот поради сомневања дека скапа биолошка терапија на црно им се продавала на пациенти од Косово и Албанија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар