Македонија
17. December 2023 - 16:59

Повреден ловџија во Тетовско спасен со медицински хеликоптер

Повреден ловџија кој ја скршил ногата при пад во провалија во тетовскиот регион беше спасен со медицински хеликоптер. Од непристапниот терен за возила, за кратко време бил префрлен во градската болница 8-ми септември.

По 32 години независност, конечно здравствениот систем во земјата доби воздушно превозно средство за брз транспорт на пациенти од оддалечените места во земјата. За надлежните институции ова било испишување на историја, иако го најавуваа со години наназад за на крај да го приспособат со донација од словенечката полиција.

 - На овој начин овозможуваме побрз транспорт на пациентите до здравствените установи кој е од исклучителна важност за ургентните состојби, првиот час по настанување на критична здравствена состојба. Ние лекарите го нарекуваме златен час и токму во тоа време соодветна интервенција значително ги подобрува шансите за позитивен исход, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

- Транспортот е целосно бесплатен за пациентот, а за потребата од ваков транспорт ќе врши стручна проценка директорот на установата од каде примарно е пациентот, како и според итноста на состојбата. Нашата тенденција е во иднина да се формира и посебен кол центар одговорен за координација, како и да се прошири проектот со вклучување повеќе центри, изјави Маја Манолева, заменик министер за здравство.

Хеликоптерот е на МВР а дефибрилаторот, аспираторот, кислородна боца и монитори за следење на витални параметри е само дел од опремата која е од ГОБ 8-ми септември за транспортирање на пациенти во акутно ургентни состојби. Каков медицински тим ќе оди на терен ќе зависи од болеста или повредата. 

- Доколку е од неврологија ќе биде невролог. На секое јавување во кол центарот кој за почеток ќе биде кај нас, ние ќе се координираме со МВР за ангажирање на хеликоптерот. Тоа се доктори од ургентната медицина, вели Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми септември.

Транспортот за болните е бесплатен, а трошоците за медицинскиот хеликоптер ќе бидат од буџетот на МВР.

- Опремата може и во други хеликоптери да е приспособена. Менувањето на опремата троши време од 15 минути и најважно е дека брзината за транспортот од било кој крај ќе биде за 40 минути, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. 

Наместо со часови со возило на Брза Помош, пациенти со медицинскиот хеликоптер ќе бидат транспортирани за многу пократко време. Досега имало повеќе случаи кога поради итноста болни не ни успеале да бидат однесени до скопските здравствени установи, и поради оддалеченоста и поради превозот.