Македонија
16. August 2023 - 16:27

Повторно ниту еден Универзитет не се најде на Шангајската листа

И годинава ниту еден Универзитет од Македонија не се најде на популарната Шангајската листа. Според новоизбраната Ректорка на УКИМ професорката Биљана Ангелова за рангирањето не само на оваа туку и на останатите листи потребно е да се променат дел од критериумите и да се воведат системски решенија ако сакаме да имаме добро позициониран македонски универзитет, но потребно ќе биде време за да бидат видливи резултатите.

-Потребно е за избор на наставниците во звања да се воведат критериуми за објавување на трудови во часописи со фактор на влијание , не само за пониските звања во доцент туку и по изборот на редовен професор. Да се воведат критериуми кои ќе ги обврзат професорите и понатаму да работат и да истражуваат и да објавуваат трудови. Потребно е да се обезбедат финансиски средства за тоа, и според мене потребно е да се воведат пред се системски решенија, а резултатите не може да ги очекуваме веднаш, туку потребно ќе биде време, изјави за Сител новоизбраната ректорка на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова.

И на последното рангирање на 1000 најдобри високообразовни установи  доминираат Американските. Меѓу првите 10 имаат дури 8 Универзитети. Традиционално веќе 21 година листата ја предводи “Харвард”, а најдобриот Британски “Кембрич” се најде на 4-то место.

Од Универзитетите во регионот, Белградскиот е најдобар се наоѓа помеѓу 301-400 место. Србија има уште еден Универзитет, тој во Нови Сад меѓу најдобрите 1000 во светот. Загрепскиот пак се наоѓа на средина на листата.

На Шангајската листа оваа година има и пет грчки универзитетите, а освен Македонија немаат ниту Албанија и Бугарија.

Рангирањето е неформално, но најпочитувано и се објавува веќе 30 години. Се проценуваат околу 40.000 установи, но се бодуваат само 1000. Главни критериуми се меѓу другото, се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, бројот на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали на луѓе студирале или работат на Универзитетот.