Македонија
23. November 2023 - 16:48

Пожарникарите два дена се борат со огнот во тетовско Фалише

14 тони бои, лакови и други хемиски средства, а не 100 тони како што беше укажано од надлежните вчера, се опожарени во големата огнена стихија која избувна во магацинот за мебел и железарија во тетовско Фелише. Пожарот е ставен под контрола, но не е целосно изгаснат - пожарникарите ќе имаат работа уште неколку часа.

„Паниката којашто вчера се создаде е непотребна, иако е факт дека изгоре одредена количина на хемиски средства. Во текот на ноќта дуваше некој умерен северен ветер, но и дуваше ветер. Воздухот според мерењата коишто се прават во Тетово, пм честиците се во нормална граница, така што немаме загадување на воздухот. Оние мерки коишто вчера беа превентивно упатени од Центарот за јавно здравје од Тетово и од ЦУК сега веќе не важат“, изјави Ангелов за Сител ТВ.

Kолкава е штетата од чадтa, ќе утврдуваат надлежните екипи, по целосно гаснење на пожарот. Министерката за животна средина вели дека во земјава, во моментов и нема акредитирана метода, што може да мери испарување на органски загадувачи во воздухот. Во изјава за медиумите посочи дека општината треба да си провери дали овој склад работел со предвидени мерки, а особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина.

Шукова им порача граѓаните да ги почитуваат препораките од Центарот за јавно здравје, да не излегуваат и да не ги отвораат вратите и прозорците, а задолжително да не ги консумираат земјоделските производи од тој крај.

Причината за пожарот треба допрва да се утврдува. Пожарникарите се борат со огнената стихија уште од вчера, а поради вдишување на чад, медицинска помош добиле четворица од нив. Поради огромната температура се стопила шофершајната на еден од камионите, додека на друг се стопиле ретровизорот и штоповите.

Екипа од Центарот за јавно здравје Тетово во текот на денот ќе ја испитува и водата за пиење. Резултатите ќе бидат готови за неколку дена, но оттаму укажуват дека состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината од којашто се црпи вода е на 50 метри длабочина.